Катарактата (старечкото перде) е болест која настанува како резултат на заматувањето на леќата на окото, при што тоа доведува до намалување на видната острина. На тој начин, видот станува заматен и истиот, со текот на времето постепено се намалува. Тоа ја спречува светлината нормално да продре во окото и заради тоа може да предизвика намалување на видот и осетливост на окото на светлина. Доколку имате над 50 години и сте приметиле замаглување на видот, можно е да имате катаракта. Тоа е честа состојба кај повозрасни лица и може да се третира од страна на очен лекар со операција.
Заради што се јавува катаракта?
Постојат неколку типови на катаракта:
· Сенилна (кај повозрасни лица). Тоа е најчеста причина и се јавува со тек на годините заради промени во составот на природната леќа на окото.
· Вродена (конгенитална). Тоа е состојба кога катарактата е присутна уште при раѓањето на бебето или се развива во тек на раните години. Може да биде предизвикана од инфекција, повреда, нарушен развој во матката и др.
· Секундарна. Овие катаракти настануваат како последица на други болести, како на пример дијабет, реуматски/ автоимуни болести, воспаленија на окото и др.. Можат да бидат последица и на токсични супстанци, ултравиолетово зрачење, радијација или одредени лекови (кортикостероиди, диуретици и др.)
· Трауматска. Оваа катаракта настанува како последица на повреда на окото.
Кои се симптомите?
Катарактата обично споро се развива и може и да не приметите дека ја имате се додека не се развие повеќе и почне да ја блокира светлината.
Тогаш може да приметите:
· Замаглен или намален вид;
· Кратковидост (потреба од очила за далеку со минус диоптрија кај постари лица кои претходно не носеле такви очила);
· Промена во начинот на кој се гледаат боите;
· Проблеми при возење ноќе (појава на одблесоци и халоа околу светлосни извори);
· Појава на двојно гледање (дупли слики);
· Проблеми со постоечките очила (со ниедна диоптрија не се добива добар вид како порано).