Како се дијагностицира?
Очниот лекар ќе направи комплетен преглед, при што ќе се провери видната острина, очниот притисок, ќе бидат ставени капки за ширење на зениците со цел да се одреди типот на катарактата и да се видат другите делови на окото (очното дно). Доколку е потребно, ќе бидат направени и дополнителни испитувања (снимки на окото) – ехографија, компјутерска томографија на очното дно (OCT), биометрија и др.
Каков е третманот?
Доколку вашиот вид не се подобрува со очила и се утврди дека постои катаракта која пречи во секојдневното функционирање, ќе биде препорачан оперативен зафат (хирургија на катаракта). Оваа интервенција е еднодневна хирургија, што значи дека истиот ден ќе си одите дома. Во тек на операцијата ќе бидете свесни, бидејќи се прави со локална анестезија (со капки во окото). Интервенцијата трае обично околу половина час.
Очниот хирург низ мал рез на окото (помал од 2mm) ја вади природната леќа со микрохируршки инструменти со фако-метода, што значи дека леќата се разбива со помош на ултразвук и потоа се отстранува од окото со аспирација. На нејзиното место внатре во окото, зад шареницата, се поставува вештачка леќа, која повеќе не се вади, не се менува туку останува во окото доживотно. Повеќе од 95% од луѓето кои ја правеле оваа интервенција имаат добро искуство и после неа имаат подобар вид.
Доколку има катаракта во двете очи, не се прави операција во истиот ден, туку се чека неколку дена или недели за оперираното око да закрепне од операцијата.
Дали треба да се чека катарактата/ пердето „да узрее“?
Не.
Ова е честа заблуда кај пациентите и верување останато од минатото кога катарактата се оперирала со сосема поинаква метода. Во денешно време кога се оперира со фако-метода, многу е поедноставно и побезбедно катарактата да се оперира додека не е многу напредната. Тогаш самата операција се одвива многу полесно и побрзо, завршува со многу помалку компликации и со многу побрзо опоравување на видот после операцијата.